Ракометарите на Тиквеш продолжуваат со одличните игри во плеј аутот во Супер лигата и остануваат на врвот на табелата со максимален учинок. Во 4. коло составот од Кавадарци славеше на гостувањето кај Радовиш со 27:32.
Андон Бошковски имаше деби со пораз на клупата на Радовиш, неговиот тим започна слабо и постојано браше негатива. Тиквеш поведе со 1:5 и во продолжение го контролираше резултатот.
Следуваше нова серија на Тиквеш од 6:1 со која гостинскиот тим направи голема предност и на полувреме водеше 11:18. Ракометарите на Радовиш не се предадоа и во продолжението се обидоа да избегнат пораз.
Во 45. минута Радовиш успеа да се доближи на минус четири, но тоа беше сè што сторија. До крајот на натпреварот Тиквеш не дозволи целосен пресврт и го приведе натпреварот до крај за конечна победа. Со овој пораз Радовиш останува на нула бодови со четири порази и им претстои голема борба за опстанок.