Ракометарите на Тиквеш останаа во игра за пласман во плеј-офот, откако прославија победа на гостувањето кај Прилеп со убедливи 30-36. Кавадарчани уште по првиот дел го решија победникот, бидејќи постигнаа дури 24 погодоци, а примија само 14.
Домашните поведоа само на стартот преку рустамов, а потоа гостите дадоа четири гола во серија за 1-4 и најава дека планираат да си заминат со бодови од Прилеп. На избраниците на Горан Кузманоски ништо не им одеше од рака, па сите нивни грешки беа брзо казнувани од Тиквеш.
Беше 2-7, а кавадарчани имаа и плус 11, 13-24. Сепак на пауза се замина со 14-24, откако Бикоски погоди во финишот на првото полувреме.
Во второто полувреме домашните ракометари заиграа подобро, но сепак негативата беше многу висока за да можат да направат некаков пресврт. Во неколку наврати намалија на минус шест, имаа напад и за пет разлика, но не го реализираа.
Кавадарчани искусно го приведоа натпреварот до крајот и му се реваншираа на Прилеп за загубениот бод во „Јасмин“, со триумф од 30-36. Најдобри стрелци кај победникот беа Коцев со седум и Лазов со шест погодоци, додека кај домашните се истакнаа Чантурија со осум и Рустамов со пет голови.
И покрај поразот Прилеп исто како и Тиквеш останува во игра за плеј-оф, но ќе мораат двете екипи да слават во следното коло против Бутел Скопје и Металург, а потоа дилемите да се разрешат во последното коло. Конкурентот Еурофарм Пелистер 2 на домашен терен само ремизираше против Бутел, 23-23.