Екипата на Тиквеш дојде до многу важна победа откако во дербито на 14. коло во Супер машката лига го надигра Бутел Скопје со 29:25 и освои три бода.
Кавадарчани влегоа максимално мотивирано на овој дуел на кој беше јасно дека мора да се игра од почеток до крај во силен ритам и темпо во кое нема да се подзапира туку ќе се оди на сигурно.
Испитувањето на силите траеше дваесетина минути. Постојано имаше следење при кое ниту еден тим не успеа да дојде до предност за мирно продолжение. Израмнето беше до 9:9. Тиквеш поведуваше, но гостите успеваа да намалат. Сепак, при 9:9 со серија од три гола се случи главниот момент после кој веќе беше јасно дека нема да може да се направи ништо бидејќи Тиквеш тргна силно и дојде до убава предност за мирен одмор. На паузата беше 14:10.
Овие четири гола разлика од полувремето брзо станаа шест гола. Сигурната игра на домашните влијаеше и тоа носеше зголемување на водството. Кавадарчани имаа целосна контрола, а откако дојдоа на плус шест, 23:17 можеа да продолжат мирно и да го финишираат овој дуел.
Имаше голема борба, но гостите не можеа да следат. Домашните беа максимално расположени за игра и ги користеа сите шанси. Знаеја како во секој момент да дојдат до шанса за гол, па не беше никаков проблем. На десет минути до крајот поцрвене еден од главните во одбраната на Бутел, Кристијан Василевски после еден невнимателен старт над Симиќ, а тоа беше олеснување за Тиквеш.
Во завршницата само беше одработување на задачата за нова победа. Тиквеш имаше контрола, а Бутел Скопје иако намали тоа не беше доволно бидејќи дојде само до разликата од полувремето. Со новите бодови после победата од 29:25, Тиквеш успеа да остане на курсот за плеј-оф, а сега има и намалена разлика во однос на третопласираниот Бутел Скопје така што станува интересно.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА