Екипата на Тиквеш по поразот од Еурофарм Пелистер во претходното коло, како и ремито против Пролет, денес одигра одличен натпревар против повратникот во Суперлигата, тимот на Голден Арт, и славеше убедлива победа со резултат 28:21.
Дуелот во спортската сала ,,Јасмин” донесе голема борба во првите петнаесетина минути. Резултатот до половината од првиот дел најчесто беше израмнет, двете екипи наизменично го менуваа водството и до егал се играше до нерешените 6:6. Тиквеш ги награди одбраните на Брауновиќ и со серија од 3:0 дојде до 9:6 во 20 минута. До крајот на првиот дел немаше промена на резултатот, домаќинот успешно го контролираше водството и на пауза замина со минимална предност од два гола разлика, 12:10.
При резултат од 13:11, тимот на Тиквеш предводен од организаторот на играта, средниот бек Симиќ направи серија од 6:0, се одлепи на 19:11 и рутински го одигра последниот дел од натпреварот. Голден Арт немаше решение за камбек во дуелот и веќе во последниот период сѐ предаде, а последните десетина минути беа само формалност, во кои составот на Тиквеш ја потврди доминацијата.
Страхиња Симиќ со осум гола ја предводеше листата на стрелци во победничката екипа, пред Никола Стефановиќ со пет и Мартин Димовски со четири погодоци. Во поразената екипа по пет гола постигнаа Мице Шилегов и Ивица Илиев.