Тимовите на Тиквеш од Кавадарци и Еурофарм Пелистер 2 денеска одиграа пријателски натпревар во Битола, кој заврши нерешено, 25-25.
Иако кавадарчани водеа со плус седум, најмногу поради заслугите на голманот Стојаноски, сепак на десетина минути до крајот избраниците на Александар Јовиќ комплетно се вратија во мечот, 21-20.
Потоа се играше гол за гол, последниот напад беше за момците на Горан Андоновски, но не беше реализиран, па мечот заврши 25-25.
Најдобри стрелци во битолскиот состав беа Стефан Талевски со седум и Павле Петровиќ со пет голови, додека кај кавадарчани се истакнаа Симиќ со шест и Смиљаниќ со пет голови.
Следниот пријателски натпревар за Еурофарм Пелистер 2 е в четврток против Струга, додека Тиквеш в среда ќе игра против Пролет.