Ракометарите на Вардар остварија тешка победа во 12. коло од Супер машката лига против екипата на Скопје чиј отпор го скршија дури во последната четвртина од натпреварот, а на крајот славеа со 32:27.
Шампионот слабо го почна натпреварот, а избраниците на Вујовиќ имаа многу проблеми во организација на нападите и тешко постигнуваа голови. Скопје секоја шанса ја користеше да го совлада голманот Али Сафар. После првите десетина минути Скопје имаше водство од 6:3.
Вардар со три брзи гола израмни на 6:6, но првото водство го имаше дури во 15. минута. Скопје продолжи да игра во добар ритам и повторно беше во предност, така беше и на полувреме кога домашниот тим имаше 15:14.
„Црвено-црните“ имаа добар старт на вториот дел и со серија од четири гола го обезбедија највисокото водство. И покрај негативата од три гола Скопје не се предаде и продолжи во ист ритам како во првото полувреме. Њокас промаши чиста контра што играчите на Скопје го казнија, а потоа и постигнаа гол на празна мрежа за водство од 20:18 во 39. минута.
Вујовиќ побара минута одмор да ги разбуди своите ракометари, веднаш потоа Њокас реализираше за минус еден. Меѓутоа Скопје сигурно ги реализираше своите напади и одржуваше два позитива. Вардар до ново водство од 25:24 стигна откако Георгиевски и Чувара постигнаа два брзи гола.
Во продолжение шампионот го диктираше резултатот и имаше еден гол позитива. Во 54. минута Талески постигна гол за два предност, 28:26, а до крајот вардарци немаа проблеми да го приведат натпреварот до крај и да триумфираат со 32:27.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА