Еден Бразилец замина од Македонија, а поради иста причина негов репрезентативен колега нема да дојде во нашата држава. Жозе Толедо имаше уште една година од договорот со Вардар, но нема да ја одработи, а Енрике Тешеира имаше потпишан договор за следната сезона со Металург, но нема да го одработи.
Причината е иста, а се „вика“ жена!
Девојката на Толедо, Лариса Араухо, потпиша договор со романската Баја Маре, уште поодамна, а во машката екипа ќе игра десниот бек, бидејќи не сакаше да биде разделен од неа. За споредба нема потреба – разликата меѓу Баја Маре и Вардар и небо и земја, но Толедо „гласаше“ за љубовта пред кариерата.
Вардар на неговата позиција го донесе Јагуриновски, но ќе мора да ангажира уште една играч за тешките натпревари во новата сезона.
Тешеира потпиша договор на една сезона и ќе беше големо засилување со тимот од Автокоманда. И кај него иста е причината поради која бараше раскин – неговата девојка. Таа останала бремена откако Бразилецот стави потпис на договорот и по многуте разговори, Тешеира решил дека ќе биде најдобро да остане во Романија покрај неа, а Металург му излезе во пресрет на неговото барање.
Тимот од Автокоманда веќе ја започна потрагата по играч на средната бековска позиција кој ќе му прави друштво на Грузиецот Иракли Кбилашвили.