Во дуелот од плеј-аут групата во Првата машка лига меѓу екипите на Преспа и Кичево, кој се одигра во Ресен, донесе многу неизвесност, тензии, прекин….Двете екипи беа во позиција за освојување на бодовите, но екипата на Преспа со незадржливиот Андреј Божиновски ја оствари посакуваната победа, 22:20 (9:9).
Во 58. минута црвен картон заработи голманот на Кичево, Дејан Михајлоски, кој истовремено е и тренер на кичевскиот состав. Тој откако се пресели во соблекувалната веднаш по една минута се врати на терен, а тоа ја иритираше публиката и домашните ракометари, но за среќа, беше избегнат инцидент од големи размери.
Преспа со погодоците на Божиновски и Мишевски на стартот поведе со 3:0. Гостите од Кичево никако не можеа да дојдат до погодок во првите десет минути, па така првиот гол го постигнаа на истекот на 10. минута преку Јованоски. Домашната екипа, која на овој натпревар настапи со само една постава, водството од 3:1 успеа да го зголеми на 6:1.
Како што одминуваше времето, така Кичево ја намалуваше високата резултатска негатива. Домаќините се опуштија во последниот период од првото полувреме и му дозволија на противникот целосно да се врати во игра. По водството на Преспа од 9:5, гостите направија серија од 4:0 и го израмнија резултатот на 9:9.
Главно во второто полувреме се играше гол за гол и само нијанси одлучуваа кој ќе победи во дерби дуелот. Во вторите 30. минути, двете екипи имаа свои моменти, но ниту една од нив не можеше да се одлепи на поголема разлика од еден гол.
Кичево направи неколку грешки во завршниот дел и му овозможи на домашниот тим да го преземи водството. Преспа во последните минути успеа да ја сочува предноста и да се израдува на победа пред своите навивачи. Најефикасен во победничката екипа беше Андреј Божиновски со девет погодоци. Кај Кичево прв стрелец беше Мојсие Тасески со седум погодоци.
*Прекинот на натпреварот може да се види на видеото на 1:20:20