Темелкоски: Спремни сме за надигрување со Аеродром, верувам во победа на Тиквеш

Тимот на Тиквеш од Кавадарци по стартната победа над Еурофарм Пелистер 2 на домашен терен, ќе го има првиот гостински предизвик.

Кавадарчани ќе му гостуваат на новиот суперлигаш Аеродром, кој исто така имаше победнички старт во елитата.

Десното крило Евгениј Темелкоски, очекува тежок натпревар, но јасно става до знаење дека верува во новата победа на Тиквеш.

„Суперлигата во Македонија од година во година е сѐ подобра и потешка, сите тимови вложуваат повеќе за добри резултати па така и Аеродром. Екипа која е составена од млади дечки кои се желни за играње и докажување. Нема да биде лесен натпревар, но верувам во победа и запишување на нови три бода“, вели Темелкоски.

Прилепчанецот кој веќе се одомаќини во Кавадарци вели дека ривалот е добро анализиран пред саботниот натпревар.

„Нормално како и пред секој натпревар добро се спремивме и направивме анализа за Аеродром, мислам дека нивно главно оружје е брзата транзиција која често им завршува со брз гол. Спремни сме да се надигруваме и со поправање на грешките од минатиот натпревар да добиеме поволен резултат“, продолжи Темелкоски.

Десното крило вели дека тимот може да игра уште подобро од прикажното против битолчани на првиот меч.

„Со Еурофарм Пелистер 2 ја отворивме новата сезона и со победа го скршивме мразот. Играта ни беше добра, но свесни сме дека можеме уште многу подобро. Знаевме каков натпревар не очекува, сепак, прв натпревар, нови играчи кои одлично се вклопија во тимот, но исто така и незгоден ривал. Тиквеш е составен од искусни играчи кои ја предводат екипата со помош од нас младите кои мора да внесуваме голема енергија на терен. Имаме тренер што добро не подготви и само треба да ги следиме неговите инструкции за наше индивидуално и тимско подобрување. Нормално, тука се и нашите верни Лозари кои ни се ветар во грб и голема поддршка“, заврши Темелкоски.

Натпреварот меѓу Аеродром и Тиквеш се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 15:00 часот.