Утре на македонска сцена продолжуваат настапите во рамките од плеј-аут натпреварите за опстанок во Супер лигата. Интересен натпревар од 5.коло се очекува во Кавадарци каде ќе се соочат непоразените екипи на Тиквеш и КЛ7.
Еден од најдобрите стрелци во КЛ7, Евгениј Темелкоски очекува тешка борба до последните секунди на гостинскиот терен во Кавадарци.
„Пред нас е исклучително тежок натпревар со Тиквеш во Кавадарци. Секако, тоа е најтешкиот противник за нас во оваа фаза на првенството. Можам да кажам, со оглед на искуството што го имаат во своите редови, нашиот следен противник е еден од оние тимови кои ќе останат и идната натпреварувачка сезона во суперлигашка конкуренција. Голедн Арт КЛ7 и Тиквеш се единствените непоразени екипи во досегашниот тек од плеј-оф разигрувањето. Во нашите претходни натпревари, иако сме најмлада по возраст екипа, прикажавме пожртвуваност и дисциплина во реализирањето на договореното со нашиот стручен штаб. И овој пат очекувам неизвесен натпревар до самиот крај, иако како што напоменав ќе биде тешко со искусниот состав на Тиквеш, тим со неколку странци во своите редови. Има уште да се игра до крајот на првенството, така што без разлика на конечниот резултат, имаме шанса за реванш на наш терен”, изјави Темелкоски.
Натпреварот помеѓу Тиквеш и КЛ7 се игра со почеток од 16 часот во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци.