Темелков и Керјенг го водат орото во Луксембург

Тимот на Керјенг, каде што игра поранешниот македонски репрезентативец Владимир Темелков, е лидер на табелата во Луксембург на три кола до крајот на шампионатот.

На последниот дерби натпревар против Ред Бојс Диферданж, Керјенг прослави триумф со четири гола разлика, 35-31.

Победата беше најавена уште по првото полувреме, кога тимот на Македонецот водеше со плус три, 17-14.

Десното крило на овој натпревар погоди два пати, а меѓу најдобрите стрелци во победничкиот тим беше екс членот на Металург, Драган Вргоч со пет гола.

Во поразената екипа се истакна Роман Бечвар, чешкиот бек со кој Македонија секогаш имаше проблеми со четири гола, а екс бекот на Охрид, Никола Грубиќ погоди еднаш.

Керјенг сега има 26 бода на првото место на табелата, втор е Еш со 25, додека трет е Берхем со 23 бода. До крајот на сезоната Керјенг и Темелков играат дома со Берхем, а гостуваат кај Дуделанж и Еш, на меч кој веројатно ќе го реши шампионот.