Текстилец предводен од Димитров и Ристов до прва победа сезонава!

Ракометарите на Текстилец пред своите навивачи конечно се израдуваа на првата победа сезонава откако беа убедливи, 29:23 против десеткуваниот состав на Преспа, во меч од 2. коло од плеј-аут фазата во Првата лига.

Гостите од Ресен на овој натпревар настапија со само седум ракометари, кои не можеа да направат ништо повеќе против расположениот домаќин, кој константно беше во водство и не дозволуваше многу простор за изненадување.

Текстилец добро го започна натпреварот, поведе со 5:1 во воведниот дел и до самиот крај беше во резултатска предност. Натпреварот беше решен уште по првото полувреме, кое заврши со девет гола разлика за домашниот тим, 17:8.

Домаќините во вториот дел рутински ја завршија својата задача и стигнаа до првата победа во оваа сезона. Во 36. минута поради три исклучувања црвен картон заработи ракометарот на Текстилец, Бобан Димитријев. Преспа успеа само да го ублажи поразот поради малата опуштеност на домашниот тим во последниот период од натпреварот.

Најефикасни во победничката екипа беа Александар Димитров со осум и Стојанче Ристов со седум погодоци. Во екипата на Преспа, Андреј Божиновски, беше прв стрелец со осум погодоци.