Ракометарките на Вардар не го искористија домашниот терен на дуелот против Јуро Уринек откако претрпеа пораз од 25:35 на првиот натпревар од Европскиот куп.
Вардар имаше добро отворање на средбата, но не и добро продолжение бидејќи влезе во лош период во кој гостинките беа тие што главно ја имаа контролата.После 4:2 за нешто повеќе од четири минути игра следуваше лош период во кој гостинките целосно ја свртеа средбата. Со 4:0 за четири минути дојдоа до водство и постојано беа во позитива.
Јуро Уринек имаше водство од 3-4 гола разлика, а Вардар успеа подобро да го финишира првиот дел, но не и да дојде до израмнување, па на одмор беше 17:18.
Во второто полувреме гостинките имаа комплетна контрола. Казнуваа речиси сè. Не дозволија во ниту еден момент Вардар да се врати во средбата. Место тоа му нанесоа огромен пораз од дури десет гола разлика. Ова беше дуел на кој немаше шанси за нешто повеќе во однос на конечниот епилог, но дефинитивно можеше до помала негатива на крајот од натпреварот.
Сепак, последните десет минути беа убедливо најлошите. Во овие десет минути Вардар не постигна гол, а од 25:29 стигна до 25:35 за тежок пораз.
ВАРДАР – ЈУРО УРИНЕК 25:35(17:18)
Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Шериф Џема и Бесфорт Јахја од Косово. Делегат: Кенан Сиврикаја од Турција.
ВАРДАР: Трајкоска (3 одб.), Илиќ (4 одб., 1 сед.), Попова, Џатевска 1, Максимовска, Бор. Коцева, Трпевска 4, Костовиќ 3, Диневска 4, Миновска 3, Радевска, Галевска, Стојановска 7, Васевска, Бој. Коцева 3, Дамјаноска 1
Седмерци: 7/7, Исклучувања: 12 мин.
ЈУРО УРИНЕК: Зомердијк (9 одб.), Бакер (1 одб.), Круијер 2, Стеверинк 7, С. Копе 1, Д. Копе 4, Крамер 3, Стал 11, Абубе, Ван дер Крон 1, Бутер 4, Колкен 1, Клесер 1, Ловен
Седмерци: 2/3, Исклучувања: 14 мин.