Ракометарите на Еурофарм Пелистер според очекувањата остварија убедлива и лесна победа над составот на Пролет. Избраниците на Жељко Бабиќ славеа со 38-22 и се израмнија со Вардар на првото место на табелата.
Кога битолчани поведоа со 7-0 по десет минути игра, веќе беше јасно каков тек ќе има овој натпревар и дека ќе гледаме игра на мачка и глушец. Првиот гол гостите го постигнаа преку Пецаковски од пенал, а првиот гол од игра дури во 16 минута за 12-2.
До крајот на полувремето сите грешки на Пролет беа казнети со лесни погодоци во мрежите на Цветковски и Петковски за 21-7.
Вториот дел беше чиста формалност, па само се броеја головите, најчесто во голот на гостите од Скопје. Имаа домашните во еден моменти и плус 20, 28-8, но не форсираа во продолжение, инаку разликата сигурно ќе беше уште поголема.
Освен дефназивецот Кукоски и голманите Секељ и Кизиќ, сите други од битолскиот тим се запишаа во листата на стрелците. Битолчани со овој триумф ја набилдаа самодовербата пред мечот од Купот на Македонија, а особено пред гостувањето во Грција кај АЕК Атина во натпреварот од Лигата на Европа.