Првиот противник на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа, унгарската Татабања има големи проблеми околу ростерот пред стартот на натпреварувањето.
Четворица играчи на Татабања се позитивни на коронавирус и тие сигурно нема да допатуваат во Битола. Унгарскиот тим е во карантин до 11 октомври, а позитивните играчи нема да се вратат веднаш на тренинзи.
Според информациите на 24Ракомет, станува збор за десниот бек Габор Анчин, десното крило Петер Хорњак, како и пикерите Давид Дебрецени и Адриан Сипош.
Унгарците го немаат се уште пријавено ростерот за натпреварите од Лигата на Европа во ЕХФ, но веројатно ќе пријават и дел од младинците, со оглед на тоа што во првиот тим за оваа сезона имаат 18 играчи.
Како и да е, голема е веројатноста унгарскиот тим да допатува во Битола само со 13 играчи, со оглед на тоа што сериозна повреда има и левиот бек Бенце Балинт. Но тука се Ѓери, Балог, Јухас, Илјеш, голманите Бартуч и Вишомирски, па Сунајко, што значи дека и со редуциран ростер Татабања воопшто не е наивен ривал.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Татабања се игра на 20 октомври со почеток во 18:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.