Татабања пред финансиски колапс, наскоро сите играчи ќе бидат слободни?!

Еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на Европа, унгарската Татабања се соочува со големи проблеми и најавени се драстични чекори во следниот период.

Татабања требаше да игра натпревар од унгарското првенство против Будакалаш, но поради коронавирус кај ривалот, федерацијата го одложи, па Татабања нема да игра натпревари до крајот на годината.

Претседателот на клубот, Ласло Мароси, за унгарските медиуми откри дека тимот го чекаат тешки времиња.

„Дури девет нови играчи дојдоа, подготовките ни беа тешки поради прекините. Освен двајца членови, сите други беа заразени со коронавирус. Нашиот клуб се соочува со големи финансиски проблеми и не можеме да ги исполниме нашите обврски кон играчите. Егзистирањето на клубот е во опасност. Ако погледнеме малку напред, ништо не е јасно. Доколку нема поголема промена во финансиската состојба на клубот, ќе мора да преземеме драстични чекори и веројатно сите играчи ќе бидат ослободени. Ова сепак не треба да биде порака за збогување, но можеби една ера на тимот ќе заврши. Бараме помош за Татабања, што побрзо“, вели Мароси за „Кема“.

Татабања досега одигра три меча во Лигата на Европа и сите ги загуби. На последното гостување кај ГОГ Гудме во Данска, тимот патуваше со автобус два дена.

Доколку дел од играчите бидат ослободени од обврските, има интересни имиња што може да бидат предмет на интерес кај други клубови. Тука се десните бекови Анчин и Балог, голманот Вишомирски, левиот бек Божовиќ, средниот бек Јухас…