Во рамките од Групата Д од Лига на Европа, во која се наоѓа и Еурофарм Пелистер, екипата на Татабања по двата порази ја оствари првата победа во новата сезона, славеше против незгодниот тим на Кадетен Шафхаузен со убедливи 31:23.
Ракометарите на Татабања уште од самиот старт имаа контрола врз играта на терен, поведоа со 3:1, а во следниот период, Бартуч со неколку одбранети удари ја одржуваше својата екипа во солидна предност. Екипата на Кадетен Шафхаузен во последните десет минути од првиот дел на неколку моменти имаше минус еден негатива, но расположените домаќини, најчесто, преку Ѓери се одлепуваа на два до три гола позитива. Татабања на полувреме замина со предност од 15:11.
Во вториот дел, домашната екипа со серија од четири гола го зголеми своето водство на највисоки плус осум разлика, 21:13. Сепак, гостите од Шафхаузен не се предаваа многу лесно, заиграа поангажирано во своите напади и добрата игра им донесе надеж за целосно враќање во дуелот. Шелкер во 40. минута намали на минус три, 18:21. До самиот крај, избраниците на Драган Ѓукиќ не дозволија противникот да направи комплетен камбек и рутински ја одработија задачата. Татабања со овој триумф се вклучува во битка за позициите што водат во осминафинале и станува опасен противник.
Предводник во победничкиот табор беше Матијас Ѓери со десет погодоци. Во Кадетен Шафхаузен како најефикасни се истакнаа Димитриј Кутел и Ник Томинец со по четири погодоци. Татабања во следното коло кое е закажано за 23 ноември гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер. Кадетен Шафхаузен за следен противник ја има екипата на Ним од Франција.
Македонскиот интернационалец, Јоаким Анѓеловски заедно со екипата на Кокс го запишаа третиот пораз во Лига на Европа откако беа поразени од Бенфика со резултат 37:32. На полувреме екипата на Кокс имаше предност од три разлика, 18:15. Екипата од Португалија второто полувреме го одигра во одлично издание и заслужено се радуваше на третата победа. Анѓеловски на овој натпревар доби шанса во последните минути меѓу стативите, но не забележа интервенции зад своето име.
Во балканското дерби, Горење беше подобар од хрватскиот вицешампион, Нексе, со 34:28 во рамките од Групата Ц. Поранешниот ракометар на Металург, Халил Јагањац во дресот на Нексе запиша пет погодоци.
Во останатите натпревари, екипите на Лемго, Винтертур и Савехоф се радуваа на победа. Лемго славеше на гостувањето во Русија против Чеховски медведи со 30:28. Винтертур беше подобар од Татран Прешов со 33:29, додека екипата на Савехоф славеше над Екс Ан Прованс со пет гола разлика, 30:25.