Ракометарите на Јехона во натпревар од 2. коло од Првата лига дојдоа до убедлива победа против дебитантот, тимот на Бисинов од Велес, со шест гола разлика, 34:28. За Јехона ова беше прва победа во новата натпреварувачка сезона, додека Бисинов го забележа вториот пораз.
Гостите од Велес парираа петнаесетина минути и во неколку наврати беа во водство, но по нерешениот резултат од 8:8, домаќините со одлична серија од 6:0 се одлепија ја 14:8 и тука ја завршија својата задача. По 30 минути игра, резултатот беше 18:12 за Јехона.
Во вториот дел продолжи доминацијата на домашната екипа, која со расположените Тасески и Николоски лесно стигнуваше до погодоци. Дебитантот во прволигашкото друштво немаше никакво решение како да ги запре расположените домаќини и мораше да го прифати исходот од средбата.
Мојсе Тасески беше прв стрелец во победничката екипа со девет гола, додека осум постигна Бобан Николоски. Солидна партија одигра и средниот бек Адис Салиу, кој имаше четири реализации. Кај екипата на Бисинов се истакна Мартин Иванов со пет гола.