Тасески: Дуелот со Тиквеш е мечот на сезоната за нас

Екипата на Охрид во сабота, против директниот конкурент за висок пласман, Тиквеш, го игра клучниот натпревар во плеј-офот од Супер лигата.

Кружниот напаѓач и еден од најискусните во составот на Охрид, Иван Тасески, најавува максимална борбеност во натпреварот, на кој им е потребна поддршка од навивачите и верната публика.

„Овој дуел со Тиквеш можеби е мечот на сезоната за нас. Се подготвуваме цела недела за тој натпревар. Имаме повеќе одмор, со Вардар настапија младинците, за подобро да се подготвиме. Со видео анализи на противникот , со тренинзи, се подготвуваме за да се реваншираме за поразот во Кавадарци. Со победите над Бутел и Еурофарм Пелистер 2, се крена повеќе и самодовербата на играчите и атмосферата во екипата, се надевам дека ќе ја продолжиме победничката серија и на дуелот со Тиквеш, и ќе ја израдуваме охридската публика со победа. Потребна ни е нивната поддршка и токму затоа ги повикувам да дојдат во што поголем број на натпреварот и да ни бидат нашиот осми играч на теренот“, изјави Тасески.

Натпреварот меѓу Охрид и Тиквеш се игра во сабота, 15 април, во спортската сала „Билјанини извори“, со почеток во 17:30 часот.