Танкоски: Се надевам дека ќе имаме успешна сезона, трениравме по четири пати на ден!

Со денешната тренинг сесија официјално завршија базичните подготовки на Еурофарм Пелистер во Маврово. Од понеделникот до попладнево, водени од стручниот штаб, ракометарите изработија според планот и добија два дена заслужен одмор.

Подготовките за сезоната 2022/23 продолжуваат в среда со тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Првиот контролен натпревар е в сабота, на шести август, против Еурофарм Пелистер 2.

Средниот бек на „фармацевтите“, Марио Танкоски очекува дека со својот тим ќе имаат успешна сезона.

,,При крај сме со овие тешки припреми. Трениравме напорно, дури и некогаш по четири пати на ден, но тоа е добро. Доста играчи се сменија, но квалитетот мислам дека е истиот. Од сегашна гледна точка мислам дека ќе имаме успешна сезона. Ова е моја сезона и во разговор со тренерот се надевам дека ќе имам простор за надигрување. Проблемот со рскавицата е зад мене и можам да се посветам кон ракометот”, изјави Танкоски.

Пелистерци во периодот од 16 до 10 август ќе настапат на турнирот во Струга, потоа ги очекува четвртфиналниот натпревар против Мешков Брест во рамки од СЕХА лигата, а на 28 август ќе играат за трофеј против Вардар во Суперкупот од Македонија.