Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер се наоѓа во Маврово каде што ја одработува првата фаза од подготовките за новата сезона.
Средниот бек Марио Танкоски, кој веќе три сезони настапува во битолскиот клуб вели дека до стартот на натпреварите, староседелците ќе се воиграат со новаците.
„Овие се најтешките подготовки што сме ги имале досега. Сепак тоа се базични подготовки на кои повеќе се работи на сила, на кондиција и на трчање, а помалку со топка. Нормално е полека да се запознаваме меѓу нас играчите во игра, тоа е исто важен дел и мислам дека добро ќе биде склопено пред да почнат натпревари“, вели Танкоски.
Во битолскиот тим дојдоа неколку нови ракометари, кои Танкоски очекува дека ќе му помогнат на Еурофарм Пелистер на важните натпревари.
„Сите играчи што дојдоа досега ми се познати, сум ги гледал и во нивните клубови и во репрезентации. Можам да кажам само пофални зборови за нив. Се работи за големи професионалци, тренираат со 100% од силите, и можат да ни бидат од голема помош за натпреварите од Лигата на шампионите“, продолжи Танкоски.
Битолчани ги очекуваат тешки битки на повеќе фронтови.
„Оваа сезона ќе ни биде голем предизвик за сите нас. Дел од нас сме играле во Лигата на шампионите. Во групата во ЛШ се Келце и ПСЖ, кои играа на Ф4 минатата сезона. Во домашното првенство ќе имаме тешка задача да ја браните титула, бидејќи некогаш е потешко да се одбрани, отколку да се освои. Сите ќе сакаат да ни скинат скалп. Тоа ќе биде најголем предизвик за нас. Треба да ги искористиме овие десет месеци, за нас лично, како и за афирмација на клубот и на градот. Се надевам дека ќе играме во Битола во Лигата на шампионите“, заврши Танкоски.
Пред официјалниот старт на сезоната, битолчани ги чекаат пријателски натпревари против вториот тим, против Охрид, а потоа настапи и на „ТВ турнирот на шампионите“ во Добој и на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ во Охрид.