Танкоски: Немавме време за анализа на Шведска, но тоа е тим со многу промени

Репрезентативците на Македонија веќе се во Каиро и ги одбројуваат последните часови до првиот натпревар на Светското првенство.

Македонија денеска игра против селекцијата на Шведска, а играчите за доаѓањето на Мундијалот дознаа пред два дена. Сепак, мотивацијата и желбата за надигрување е на високо ниво и сите очекуваат на теренот да биде прикажано најдоброто.

„Тоа што во последен момент влеговме на Светското првенство нема да биде никаков проблем и значи ништо бидејќи ние сме заедно веќе десет дена. Сето ова време се подготвувавме како  да играме така што сме подготвени за настапот на овој шампионат“, вели за 24 Ракомет, Марио Танкоски.

Прв ривал е селекцијата на Шведска. И во оваа репрезентација имаше големи проблеми кога е во прашање составот така што ова ќе биде дуел кој ќе биде доста неизвесен.

„Пред дуелот против Шведска постои само еден проблем, а тоа е времето кое го немавме за да можеме да направиме анализа за противникот. Знаеме дека Шведска доаѓа во именет состав на овој шампионат исто како и ние и ова сигурно ќе биде интересен натпревар до самиот крај“.

Чиле е веќе познат ривал бидејќи во минатата седмица Македонија двапати ги одмери силите со оваа селекција така што Египет е вториот ривал против кој ќе се бараат бодови за пренесување бидејќи Македонија може да се надева на втор круг во ова друштво во групата Г.

„Египет е фаворит во нашата група. На тој дуел сметам дека ќе биде потешко отколку против селекцијата на Шведска. Сепак, сметам дека нашите шанси се големи да се пласираме во втората фаза“, коментираше Танкоски за 24 Ракомет.

Македонија првиот натпревар го има денеска против селекцијата на Шведска од 20:30 часот, а потоа в сабота следува дуелот против Египет од 18:00. Против Чиле силите ќе се одмерат в понеделник од 15:30 часот.