Сезоната во Полска веќе е завршена две седмици, а старо-нов шампион е Келце. Сепак ракометарите на полскиот тим не се заминати дома, туку се во исчекување дали ќе се играат средби од Лигата на шампионите, каде ривал е словенечкиот Целје.
Освен промените во играчкиот кадар следната година, ќе има промена и на клупата. Досегашниот помошник на Талант Душебаев, Урош Зорман, се враќа во татковината и најверојатно ќе го води Целје, а француските медиуми веќе го најавија новиот помошник.
Иако полските медиуми ги фаворизираа Криштоф Лијевски и Мариуш Јуркиевич како кандидати за помошници на Душебаев, веројатно од тоа нема да има ништо, па во игра влегува поранешниот селектор на Франција и соиграч на Душебаев од времето во Сиудад Реал, Дидие Динар.
Тие двајцата најпрво соработуваа како играчи во шпанскиот клуб, а потоа Душебаев му беше и тренер на Динар. Колку оваа можност е остварлива, ќе видиме во следниот период.