Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува вториот натпревар од регионалната СЕХА лига и гостување кај незгодниот Нексе во Нашице.
Тренерот на Нексе, Бранко Тамше, вели дека македонската екипа е компактна со добри голмани.
„Во екипата на Еурофарм Пелистер има многу странци, вклучувајќи го и тренерот Ларс Валтер, кој ми беше тренер мене додека играв во Горење. Мислам дека добро се познаваме, игравме на Ф4 во Задар минатата сезона. Станува збор за компактна екипа, со цврста одбрана, одлични голмани и многу добро трчаат во транзиција па постигнуваат лесни голови од контра и полуконтра. Ние мора да гледаме кон себе, да покажеме многу подобра игра од таа во Нови Сад. Мораме да правиме што повеќе прекршоци во одбрана, а во нападот да играме внимателно и течно. Овој меч ќе ни помогне да поправиме многу работи пред европските натпревари. Играме на свој терен и се надевам дека гледачите ќе дојдат во голем број во салата, и ќе ни дадат додатна сила која ни е потребна. Во Нови Сад не бевме комплетни, а нема да бидеме ниту вечерва. Некои играчи имаат проблеми со повреди, но тоа ќе биде шанса за оние со помала минутажа да ја искористат секоја минута на теренот“, вели Тамше.
Натпреварот меѓу Нексе Нашице и Еурофарм Пелистер се игра вечерва со почеток во 18:00 часот.