Талески: Каде и да игра Вардар, секогаш игра до крај!

Ракометарите на Вардар утре го играат првиот натпревар од Лигата на шампионите на гостински терен кај белорускиот првак Мешков Брест.

Левиот бек Филип Талески вели дека тимот е максимално подготвен за првиот предизвик во новата сезона.

„Почнува новата сезона на Лигата на шампиони, играме со добро позната екипа, со која што Вардар со години се соочува во регионалната СЕХА лига. Се знаеме многу добро со нив, имаме голем број на мегусебни мечеви, годинава ги гледавме на Ф4 во СЕХА. Максимално сме подготвени, секако малку е невообичаено и чудно што играме без публика, а за разлика од тоа на мечот против Брест ќе има публика, веќе билетите се во продажба. Тоа за нив секако дека е голем плус, но ние сме Вардар и покажавме изминатите години дека за нас нема тежок терен, дали дома, дали на гости. Секогаш се дава максимум, и се покажува на секој меч што значи да се игра за Вардар. Посакувам триумф со позитива да ја отвориме сезоната и да се покажеме во најдобро светло“, вели Талески.

Натпреварот меѓу Мешков Брест и Вардар се игра утре со почеток во 18:45 часот во салата „Викторија“.