Ракометарите на Вардар на денешното гостување во Белград беа поразени од Партизан со 28:22 во натпревар од групната фаза во СЕХА лигата.
Македонскиот шампион остана во игра за првото место во групата Б, бидејќи Партизан допрва треба да ги одигра двата дуели со Татран Прешов и исходот од овие натпревари ќе одлучат која екипа ќе биде првопласирана.
Најдобриот стрелец на денешниот натпревар беше левиот бек на Вардар, Филип Талевски. Македонскиот репрезентативец истакна дека неговиот тим мора да се подобри во одбраната.
„Мора да го анализираме нашиот пристап и да сфатиме дека нема да можеме да ги постигнеме целите што би сакале да ги постигнеме доколку играме на ова ниво. Мора да бидеме поагресивни на дефанзивната страна на теренот и да ги намалиме техничките грешки, особено против противниците кои знаат како да ги искористат”, изјави Талевски.
Свое видување за денешната игра на ,,црвено-црните” даде асистентот на Недановски, Стојан Петрушевски.
„Одигравме важен натпревар пред три дена и затоа некои од нашите клучни играчи не беа физички подготвени за овој дуел, но тоа не е оправдување. Стоилов, кој очигледно многу ни значи, се повреди и тоа беше голема загуба за нас. И покрај тоа, знаеме дека можеме да играме многу подобро од тоа. Партизан ја сакаше оваа победа повеќе од нас, поддршката што ја имаа беше неверојатна. Имавме свои шанси, но нивната желба за победа пресуди на крајот”, изјави Петрушевски.
Следен предизвик за Вардар ќе биде гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер во рамки од 4. коло од плеј-оф фазата во Суперлигата.
Вардар загуби од Партизан, но останува во игра за прво место