Талески: Доколку ја запреме холандската транзиција, имаме големи шанси за победа!

По вчерашниот очекуван пораз од Норвешка, Македонија се наоѓа пред нов предизвик против селекцијата на Холандија. „Лалињата“ стартуваа фуриозно на Мундијалот совладувајќи ја Аргентина со убедливи 29-19, победа по која со уште поголема самодоверба ќе влезат во дуелот со нашиот национален тим.

Сепак за утрешниот дуел нешто се прашува и Македонија. Еден од најдобрите на теренот на вчерашниот натпревар со Норвешка беше Филип Талевски кој најавува голема борба на утрешниот меч.

Нема за што да жалиме, квалитетот е сепак на страната на Норвешка. Ги увидовме падовите кои ги имавме во двете полувремиња, и тоа е недозволиво. Играме егал до одреден дел од натпреварот и со неколку технички грешки отиде резултатот нагоре. Но тоа е се заборавено, од денеска мислите ни се насочени само кон Холандија. Имаме големи шанси на утрешниот меч но тоа треба да го покажеме на теренот. Знаеме што не чека, дури и побрза игра од Норвешка која ја диригира Лук Стеинс од ПСЖ. Имаат одлична транзиција, и мислам дека доколку успееме тоа да го запреме ќе имаме големи шанси за победа. Треба да се враќаме назад и да го сопреме нивното најсилно оружје. Не се толку добри во одбраната, така да можеме квалитетно да напаѓаме, видовме дека сме способни за тоа и против посилна репрезентација. Се надевам дека нашиот селектор ќе подготви добра тактика со која квалитетно ќе се спротиставиме.

Холандскиот голман Равенсберген остави одличен впечаток на вчерашниот дуел со Аргентина, на што Талевски вели:

Видете еден голман секогаш може да има свој добар ден, а може да има и лош ден. Се надевам дека со нас ќе биде второто. Но и да има одреден број одбрани не смееме да мислиме негативно, треба да бидеме претпазливи бидејќи видовме дека брани доста зицери. Сепак ние тоа не смееме да си го дозволиме, треба да бидеме фокусирани на нашата игра и да бидеме концентрирани во завршните удари.

Според Талевски оваа Холандија со Штафан Олсон на чело  е многу поразноврска за разлика од онаа на ЕП минатата година.

Па за разлика од минатото ЕП, овој пат имаат многу поразноврсна игра, имаат нови бекови со кои се опасни од надвор, а исто така и имаат поголема ротација, нешто што го немаа порано и играа со иста линија во најголемиот дел од натпреварот.Треба да сме максимално фокусирани поеднинечно за секој играч, ги краси борбеноста во одбраната и брзата транзиција.

Повредата пред СП е минато за Талевски кој најавува беспоштедна борба со Холандија.

И со Норвешка бев фит, немам никакви болки, се чуствувам здраво и се надевам на победа на утрешниот меч-заврши Талевски.

Македонија својот втор натпревар на Мундијалот го игра утре против селекцијата на Холандија со почеток од 18:00 часот.