Екипите на Феникс и Кузман Вардар денес го отворија 7. коло од плеј-аут групата во Женската лига, а убедлива победа прослави екипата на Феникс, која забележа триумф, со резултат 33:18. Со новите освоени бодови, битолската екипа моментално се позиционираше на 5. позиција на табелата.
Избраничките на Александра Кузмановска имаа лош старт и лош крај на првото полувреме. По водството на Феникс од 3:1, гостинките од Илинден заиграа поангажирано во нападот и до 20. минута играа во егал. Составот на Феникс, иако на денешниот натпревар имаше кратка клупа, настапи со само 9 играчи на терен, сепак, во последните десет минути од првото полувреме го скрши отпорот на противникот.
По нерешениот резултат од 8:8, домаќинките со серија од 4:0 се одлепија на плус четири гола разлика, 12:8, додека на полувреме резултатот беше 14:9 во корист за екипата на Феникс.
За неколку минути игра во второто полувреме, Корлевска и Пашиќ беа ефикасни за највисоко водство на Феникс од 16:10. Кузман Вардар првиот погодок во вторите 30. минути го постигна во 35. минута преку Ѓорѓиева за минус пет гола разлика, 16:11.
Во останатиот дел од натпреварот, односно во последните дваесетина минути, ракометарките на Николче Костовски покажаа целосна доминација и водството од 16:11 за пет минути го зголемија на 21:11. Составот на Кузман Вардар се обидуваше да се избори за поблаг пораз, но не можеше ништо да направи бидејќи пред себе го имаше расположениот Феникс, кој секоја грешка на гостинките во вториот дел ја казнуваше со погодок.
Две ракометарки на Феникс, Сандра Корлевска и Габриела Лазаревска, поради три исклучувања заработија црвен картон. Корлевска се пресели на трибините во 51. минута, а Лазаревска црвениот картон го доби на речиси три минути пред крајот на натпреварот.
Најефикасна на денешната средба беше ракометарката од редовите на Феникс, Ана Марија Талева со 11 погодоци. Кај Кузман Вардар прв стрелец беше Анастасија Ѓорѓиева со осум гола.