На пола од сезоната во Лигата на Европа екипата на Еурофарм Пелистер има шест бодови од пет средби, а утревечер го има натпреварот од 6. коло против претставникот на Португалија, Спортинг од Лисабон.
Во Битола гостува тим кој има квалитет за да игра добро и на домашен и на гостински терен така што утревечер нема да биде воопшто лесно.
„После првиот натпревар, на кој уште не бевме склопени и беше почеток на сезоната, сега сме многу подобри и во одбрана и во напад. Делуваме како комплетна екипа. Спортинг е добар тим на тактички план, има одличен тренер и добри индивидуалци. Напорно и детално се подготвуваме за овој втор натпревар и верувам дека ќе освоиме два бода во Битола“, вели еден од ракометарите кои покажуваат сè подобра форма, Реиние Табоада.
Тој доаѓа од Куба, па малку повеќе време му беше потребно за да успее да се адаптира на условите во Македонија.
„Кога дојдов ми требаше адаптација на новата средина. Тука е и бариерата со јазикот. Сега е полесно. По првите два месеци на прилагодување, сега сите детали се одлични. Соиграчите и тренерот ми помагаат, се чувствувам одлично и едвај ги чекам европските натпревари“, коментира Табоада.
Натпреварот утре се игра во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. Почетокот на средбата е во 20:45 часот. Спортинг се наоѓа позиција повисоко од Еурофарм Пелистер на табелата и има бод повеќе, па оттаму ова ќе биде важен натпревар кој може да донесе смена на позициите.