Екипата на Чаир, која имаше успешна полусезона, со оглед на тоа дека обезбеди настап во плеј-оф фазата во домашниот шампионат, се вклучи во борбата за титулата и на европска сцена направи историски успех, е еден од кандидатите за висок пласман во Женската лига.
Овој викенд ќе започне плеј-оф фазата и тимот на Чаир во рамки од првото коло ќе игра против незгодниот состав на Стружанка.
Тренерот на Чаир, Басри Љатифи е претпазлив за дуелот со екипата од Струга и истакна дека доколку се работи професионално, тогаш неговиот тим има шанса за титула на домашна сцена.
,,Во плеј-оф нема лесни натпревари. Секој меч треба да се игра до крај, ангажирано и сконцентрирано. Не чека добар натпревар со Стружанка, на кој треба да го дадеме нашиот максимум за да издвојуваме победа. Пред да започне сезоната никој од нашиот клуб не даде изјава дека одиме по титула. Но кога се работи професионално, кога сите коцки во клубот се наместени како што треба, кога имаш добар тим тогаш сѐ е можно”, изјави Љатифи за клупската страна на Чаир.
Тимот на Љатифи во плеј-оф фазата од Женската лига ќе влезе со 12 бода, ист број на бода пренесоа Металург и Вардар, додека актуелниот шампион Ѓорче Петров ќе стартува со максимален број на бодови (18).