Репрезентативецот на Тунис, Мохамед Суси, кој на почетокот на оваа сезона ги засили редовите на Еурофарм Пелистер, ќе го напушти битолскиот тим и ќе се пресели во Кувајт.
Имено, искусниот ракометар и раководството на Еурофарм Пелистер не се договорија на нова соработка, па така Суси по истекот на едногодишниот договор ќе има нов клупски ангажман, односно нов интернационален предизвик.
Тунижанецот ќе настапува за Ал Салмија, клуб со кој потпиша договор на една сезона. Клубот од Кувајт официјално го потврди трансферот на актуелниот член на битолскиот тим.
Суси најголемиот дел од својата кариера го мина во Франција, таму беше дел од екипите на Трембле и Монпелје. Со екипата на Монпелје три сезони играше во Лигата на шампионите и во елитното клупско натпреварување покажуваше солидни партии.
30-годишниот ракометар во сезона 2017/18 со Монпелје се радуваше на титула во Лигата на шампионите. За репрезентацијата на Тунис има одиграно над 100 меѓународни натпревари.
Битолската публика најмногу на Суси ќе се сеќава по неговиот постигнат гол за победа над Вардар во натпреварот за трофејот во Супер купот.