Во мечот на викендот во Лигата на шампионите и дерби средба во Групата А, Пик Сегед успеа да дојде до голема победа од 32:29 против ПСЖ која би требало да биде доволна на крајот да се обезбеди 2. место во групата зад Барселона.
Пик Сегед го совлада ПСЖ после големо надигрување во кое и двата тима имаа свои моменти и беа со шанси да се изборат за победи. Сепак, нијансите на крајот беа на страната на ракометарите на ПИК Сегед кои дојдоа до бодовите. ПСЖ не издржа во последните пет минути кога дуелот се решаваше.
Ова беше натпревар во кој доминираше поранешниот играч на Вардар, Жоан Канељас кој со десет погодоци беше и најефикасниот на оваа средба. Тој воедно го доби и признанието за играч на Мечот на викендот, а имаше просек од 83%.
Зад него со шест гола беше Шоштариќ, а пет имаше Македа. Во редовите на ПСЖ, голманот Жерард имаше десет интервенции, а Микел Хасен со седум гола беше најефикасниот.
Оваа победа треба да биде сосема доволна за тимот на Пик Сегед на крајот да финишира како втор во Групата А и во осминафиналето да има противник од Групите Ц и Д, додека ПСЖ ќе оди на пресметка со шестопласираниот во Групата Б, а тоа е потенцијал ривал за Вардар.