Судиската двојка од Германија, Ларс Гајпел и Маркусе Хелбиг двапати судеше финале во Лигата на шампионите и тоа двапати кога Вардар победуваше во него. Сега објавија дека ја завршија кариерата, а причините се во болеста на повозрасниот во оваа судиска двојка.
Хелбиг (49 години) има тешка болест веќе некое време и во минатата сезона мораше да паузира и уште не е во можност да се врати на терените. Поради тоа Гајпел (46 години) објави дека не се во можност да продолжат со судењето.
„Долго време е надевавмедека ќе можеме да се вратиме на терен, но за жал тоа нема да биде можно. Маркус засега се снаоѓа добро, но процесот на заздравување ќе биде долг и не е на повидок неговото враќање на тернеите. Ова беше неверојатно тешка и болна одлука бидејќи ставивме крај на една убава кариера. Многу е емотивно, па дури падна и по некоја солза. Сепак, здравјето на Маркус има најголем приоритет и тоа е единственото нештко кое е важно, да се бори до крај“, вели Гајпел.
Тие судеа на шест Светски првенства, на пет Европски шампионати и двапати на Олимписките игри. Во 2017 и 2019 година го судеа финалето во Лигата на шампионите. И во двете финалиња актери беа ракометарите на Вардар и после двете излегуваа како победници против своите ривали.
Во Бундес лигата имаат отсудено над 600 натпревари, а имаат и над 250 средби на меѓународна сцена. Последниот натпревар го имаа во сезоната 2019/20. На 3 март во 2020 година го судеа дуелот Бергишер – Фуксе Берлин, а потоа следуваше и паузата поради пандемијата со Ковид 19 на што се надоврза и болеста на Маркус Хелбиг.