Поранешниот европски шампион Кометал Ѓорче Петров, кој сега се вика Ѓорче Петров, во третото коло од Европскиот Куп за ривал го доби австрискиот тим Румс Џегс. Овој тим порано беше познат под името Виенер Нојштат и важеше за филијала на големиот Хипо, а интересно и светски познатиот бренд Мек Доналдс беше дел од спонзорите во минатото.
Позната е приказната за влегувањето на Трифун Костовски како спонзор во тогашниот Ѓорче Петров, кој во 1994 година гигантот Хипо Банка падна во Скопје. Оттогаш почна патот кон врвот на женскиот клупски ракомет, кој својот зенит го имаше во 2002 година.
Австрискиот тим долго време потоа беше предводен од легендарниот Гунар Прокоп, кој беше алфа и омега во австрискиот ракомет. Повозрасните љубители на ракометот се сеќаваат на неговите провокации за време на натпревари, но и на еден немил настан, кога беше удрен од еден навивач во СРЦ „Кале“, а ЕХФ немаше милост и ги казни македонски клубови и репрезентации со апстиненција од европски настапи цела сезона. Со неговото повлекување, Хипо тргна во надолна линија и сега не може да мине ниту едно коло во Европа.
Но презимето Прокоп и натаму е активно во австрискиот ракомет. Никол Прокоп, некогаш позната како Прајс, поранешна австриска репрезентативка и снаа за син на Гунар, е тренер на составот на Румс Џегс, ривалот на Ѓорче Петров во третото коло од Европскиот Куп.
51-годишната Прокоп, веќе подолго време е во стручниот штаб на Румс Џегс, но нема позабележителен успех. Во овој млад тим, играат млади австриски ракометарки, меѓу кои и 19-годишната Мари Прокоп, која играше за Австрија на СП за кадетки во Скопје, но има и три унгарски интернационалки. Тоа се голманката Река Шнек која има 31 година, пикерот Ребека Маѓари и левиот бек Јанка Киш, кои имаат по 19 години.
Меѓу поискусните во тимот се голманката Елизабет Хербст, која има 36 години, десниот бек Карин Герг која има 31 година и средниот бек Барбара Ејхорн со 26 години. Сите други имаат најмногу 20 години. Во првите два меча во Европа со погодоци најмногу се истакнаа десниот бек Мелани Кротвашл со 17 гола и десното крило Даниела Вебер со 11 погодоци.
Најголем европски успех на Румс Џегс е четвртфиналето на ЕХФ Купот во сезоната 2001/02 и четвртфиналето на Челинџ Купот во сезоната 2007/08. Во второто коло од Европскиот Куп оваа сезона имаа големи проблеми и во двомечот во Австрија против азербејџанскиот Азераил, славеа со вкупно 56-54, откако го добија првиот дул со 31-25, а на вториот беа поразени со 29-25.
Во домашното првенство имаат четири порази на четири натпревари. Загубија на гостински терен кај Фуксе и Фелдкирх, додека дома беа поразени убедливо од МГА Фиверс и Штокерау.
Јасно е дека Ѓорче Петров нема од што да се плаши и можеби ќе биде мал фаворит против австрискиот тим. Македонскиот тим ќе гостува на првиот меч во Виенер Нојштат на 3/4 декември, а ќе домаќин на реваншот на 10/11 декември. Ни останува надежта дека и по овие натпревари со австрискиот тимм, како и по оној во 1994 година меѓу Ѓорче Петров и Хипо, ќе започне уште некоја убава приказна за македонскиот женскиот ракомет.