Стружанка парираше, но Чаир „нагази“ за убедлива победа!

Ракометарките на Чаир им се вратија на победите во Женската лига по убедливиот триумф над Стружанка од 31:23 во натпревар од 5. коло во плеј-оф фазата.

Екипата на Стружанка, која на денешниот дуел настапи со само 12 ракометарки, имаше сили само за едно полувреме. Домашниот тим во неколку наврати во првиот дел беше во водство, додека тимот на Чаир никако не можеше резултатски да се одлепи и неговата максимална предност беше само два позитива.

Стружанка попушти во финишот од првиот дел и на полувреме резултатот гласеше 14:12 во корист за гостинките, кои целосно го надиграа домаќинот во второто полувреме.

Чаир со неколку мини серии започна постепено да се одлепува, за на крај да дојде до победа изразена со осум гола разлика.

Тренерот на гостинките, Басри Љатифи во последниот дел им даде можност на сите ракометарки кои ги имаше на располагање, што овозможи натпреварот да заврши со едноцифрена разлика во погодоци.

Најефикасна во победничката екипа беше Биљана Дамчевска со пет погодоци, по четири постигнаа Теодора Гулицоска и Шадие Реџеп. Кај Стружанка се истакна Ивана Затуроска со шест реализации.