Ракометарките на Стружанка откако останаа со празни раце на дуелот со Металург во претходното коло, се вратија на победите откако во Струга славеа против составот на Астибо со 31:29 (17:11).
Победникот го најавија уште по првиот дел, иако штипјанки парираа во првите дваесетина минути. По водството на Астибо со 5-4, со двата гола на Далипоска и Делиоска, Стружанка направи пресврт и поведе со 7-5.
Потоа беше полесно за избраничките на Владимир Паноски. Полека ја градеа предноста и стигнаа до плус шест, 14-8, а до паузата ја сочуваа истата разлика, 17-11.
Второто полувреме беше само рутински одработување на задачата. Стружанка во најголемиот дел од вторите 30 минути имаше водство од пет до шест гола разлика, во неколку наврати имаше и плус седум (24:17, 25:18, 28:22) и во финишот им дозволи на гостинките само да го ублажат поразот.
Најефикасна во победничката беше Мендувие Далипоска со седум погодоци. Во поразениот табор се истакна Марија Анчева со 14 гола.