Екипата на Стружанка во текот на вчерашниот ден во натпревар од последното коло од плеј-оф фазата во Женската лига требаше да гостува во Куманово кај истоимената екипа, но натпреварот закажан за 20:00 часот не се одигра, бидејќи ракометарките од Струга не се појавија во спортската сала при СОУ „Перо Наков“.
Тоа значи дека Куманово службено ќе го добие натпреварот со 10:0 и на свое конто ќе дојде до 31 бод, со што ќе го освои второто место во натпреварувачката сезона 2022/23.
Со бод помалку од Куманово, односно 30 бода, заврши екипата на Чаир, која во однос на ланската сезона направи голем исчекор, но и успех на европска сцена. На 4. позиција завршува Вардар, екипа која во Купот на Македонија направи изненадување, откако во полуфиналето го елиминираше шампионот Ѓорче Петров.
Вардарки со играта топло-ладно се изборија и за настап на европска сцена, поточно во Европскиот Куп, а дали раководството на „црвено-црните“ ќе се предомисли кога се во прашање европските натпревари и ќе ја пријави екипата во Европа, останува да видиме.
За потсетување, во ланската сезона Вардар имаше обезбедено место во Европа, но раководството одлучи клубот да игра само во домашниот шампионат. Првите четири екипи обезбедуваат настап во Европа, шампионот во Лига на Европа, додека останатите три екипи во Европскиот Куп.
Од петтото до осмото место се позиционирани екипите на Металург, Пелистер, Овче Поле СУ и Стружанка.