Последниот дуел од 6 коло во плеј-офот од Женската лига меѓу Пелистер и Стружанка требаше да се одигра во Битола на 30 април од 20:00 часот во „Боро Чурлевски“.
Во прв момент, кога беа објавени другите термини и саатници за останатите натпревари, овој дуел се водеше за одложен на неодредено време.
Во четвртокот беа делегирани официјални лица и термин за натпреварот, но од струшката екипа се жалат дека тоа не било сторено во определено време според пропозоциите и не отпатуваа во Битола.
Тие информираа на социјалните мрежи дека РФМ побарала сите дуели од ова коло да се одиграат на 28 и 29 април поради потребите на репрезентацијата во ракомет на плажа, каде што повеќето клубови имаат свои претставнички. Прашуваат дали некои клубови се привилегирани од македонската куќа на ракометот во однос на други.
Битолчанки и официјалните лица се појавија во салата „Боро Чурлевски“ во закажниот термин, беше направен и записник, но струшкиот тим не се појави, па сосема извесно дека Комисијата за натпреварување на РФМ ќе го регистрира овој меч со 10-0, службена победа за битолчанки, но исходот нема да има никаков влијание на табелата.