Екипата на Струга триумфираше против Скопје 2020 со 32:29 во натпревар од 10. коло од Супер машката лига. Ова беше втора победа за момците на Наум Танески оваа сезона со која го оставија домаќинот на дното.
Иако ракометарите на Скопје на почетокот имаа водство од 2:0 со головите на Василевски и Киселовски, во преостанатиот дел од првите 30. минути, Струга беше екипата која ја контролираше играта на теренот. Гостите израмнија на 2:2, а минута подоцна, Маркоски го донесе првото водство за неговата екипа од 3:2.
Екипата на Скопје во текот на првото полувреме неколку пати се закани да дојде до израмнување, но Струга ја казнуваше секоја нивна грешка и не дозволуваше нивен кам-бек на натпреварот. По петнаесетина минути игра, Струга имаше водство од 7:6. Разиграните Стружани се одлепија на плус три, 9:6, а до крајот на првиот дел, ракометарите на Скопје беа во негатива од еден до три гола. На пауза гостинската екипа замина со предност од три гола разлика, 15:12.
Струга во второто полувреме со серија од четири гола зголеми на 20:13. Кризниот период во домашниот тим беше прекинат со голот на Василевски за минус шест, 14:20. Техничките грешки кај скопјани беа доволни за стружани веќе да ја обезбедат победата, откако имаа водство 24:15. Опуштеноста во редовите на Струга поради високата разлика беше искористена од страна на домаќините за намалување на дел од негативата. Скопје во последните десет минути со неколку гола во низа ја преполови разлика. Намали на минус три, 27:30, сепак во последните две минути, Струга со два гола стави точка на натпреварот.
Со победата над Скопје, екипата на Струга се зацврсти на 10. позиција на табелата и има шанси да напредува кон повисоките позиции во најквалитетното натпреварување во Македонија.