Екипите на Струга и Еурофарм Пелистер 2 одиграа неизвесен натпревар со малку голови, но и со по еден бод откако одиграа нерешено 24:24 во последниот дуел од 4. коло од плеј-офот во Супер машката лига.
Натпреварот беше неизвесен од почетокот. Брзо стана јасно дека на оваа средба нијанси ќе решаваат за победникот и нијанси ќе одлучуваат кој ќе се радува на крајот. Домашните го имаа првиот удар и поведоа со 3:1, но после 5:3 следуваше 0:3 и мал пресврт.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 успеаја да ја контролираат средбата и дојдоа до 10:7, но и ова не беше доволно бидејќи домашните се вратија брзо во ритам и израмнија. Потоа продолжи играта со ново надмудрување при што гостите одново поведоа со три разлика и имаа 14:11, но во последната минута од првиот дел составот на Струга намали за на одмор да биде 13:14.
Вториот дел беше уште повозбудлив бидејќи се играше буквално за секоја топка. Секој напад беше максимално важен на двете страни така што немаше попуштање. Се правеше сè што треба за да се одработи на ниво, а таква игра не дозволи на некој тим да има поголема предност од два гола.
Имаше и мал број на погодоци со оглед на поцврстата игра. Играта носеше неизвесност и беше сосема јасно дека нијанси ќе решаваат околу бодовите. Во последните минути се случуваше да има често менување во водство на тимовите кои имаат предност така што сето ова допринесе да се бара победникот до последната секунда.
Откако беше 22:23 на пет минути до крајот Јанкулоски успеа да израмни, а Талевски го постави конечниот резултат. Иако стружани имаа напад за победа не успеаја да го искористат, па двете екипи мораа да се задоволат со нерешен резултат и со по еден бод.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ПЛЕЈ-ОФ
ТАБЕЛА