Екипата на Целје ќе игра во финалето на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир, откако во последниот натпревар од групата Б триумфираше над бранителот на титулата Вардар, со резултат 36:28 (17:17). Целје со одличната игра во последните 20 минути целосно го надигра македонскиот шампион и ќе се обиде во своето второ учество на Струшкиот турнир да ја освои втората титула.
Словенечкиот шампион со головите на Иванковиќ и Влах отвори со водство од 2:0 во воведниот дел. Првиот гол „црвено-црните“ го постигнаа во 5 минута од натпреварот, а стрелец на голот беше македонскиот репрезентативец Филип Талески. По водството на Целје од 3:1, тимот на Вардар направи серија од 3:0, која беше дело на Мишевски, Моралес и Манасков, за минимално водство од 4:3.
Следуваше период во кој двете екипи постигнаа по неколку брзи погодоци, па така резултатот по десет минути игра беше 6:6. На голот на Вардар одличен беше Мартин Томовски и неговите соиграчи ги наградија неговите интервенции со одлична серија од 4:0 и највисоко водство од 14:10 во 20 минута, откако претходно резултатот беше 10:10.
Целје се обидуваше да направи камбек и да се врати во игра. По тајм-аутот на Алем Тоскиќ, неговите избраници заиграа поангажирано во нападите и дојдоа до минус еден гол разлика, 14:15, во 25 минута. До крајот на првото полувреме немаше поголема промена на резултатот. Вардар му дозволи на Целје комплетно да се врати во игра и на полувреме резултатот беше нерешен, 17:17.
Целје во почетниот дел на второто полувреме го презеде водството, поведе со 18:17 и одлично му парираше на македонскиот шампион, кој влезе во мала криза. Екипата од Словенија ја искористи кризата во вардаровиот табор и од 21:21 дојде до највисоко водство од 24:21. Тренерот на Вардар, Владо Недановски мораше да побара тајм-аут, со цел неговите ракометари да се вратат во игра и да не му дозволат на Целје да замине на поголема предност.
Во 45 минута, резултатот беше 26:25 во корист за екипата на Целје и за две-три минути ракометарите на Тоскиќ искористувајќи ги сите грешки на вардарци направија одлична серија за највисоки плус шест гола разлика, 31:25. Вардар со три гола во низа намали на 28:31 на осум минути пред крајот, но не можеше да направи ништо повеќе, бидејќи во клучните моменти Целје успеа да ја зголеми резултатската предност за убедлива победа.