Екипите на Татран Прешов и АЕК Атина го одиграа првиот натпревар на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир, а на победа се радуваше екипата од Словачка која што триумфираше со резултат 25:21 (16:11), во натпревар од групата А.
Иако ракометарите на АЕК Атина стартуваа со водство од 1:0, сепак, тимот од Словачка со одлична серија од 6:0 дојде до солидна предност од 6:1 по пет минути игра. АЕК Атина седум минути чекаше за да го постигне вториот погодок и за две-три минути целосно се врати во игра, возврати со иста мерија, односно со серија од 6:0, за изедначување на резултатот, 7:7.
Следуваше период, во кој се играше брзо и динамично, без одбрани на двете страни, но во подобар ритам беше словачкиот претставник, кој повторно влезе во елемент и со четири гола во низа дојде до предност од 11:8. Словаците пропуштија неколку напади за да дојдат до плус четири гола позитива, а левиот бек на АЕК Атина, Мандалиниќ со својот втор погодок намали на 9:11.
Ракометарите на Татран Прешов ја подобрија играта во последните минути од првиот дел и со лесни погодоци ја зголемија предноста и на полувреме заминаа со водство од 16:11. Сепак, овие плус пет гола предност не беа доволни за сигурна победа на Татран Прешов, бидејќи АЕК Атина се обидуваше преку сите варијанти да се врати во игра.
Татран Прешов во второто полувреме повторно се врати на плус пет гола предност, 19:14. Откако словачкиот шампион имаше водство од 20:15, тимот од Атина со серија од 3:0 дојде до резултатска негатива од минус два, 18:20. Во 45 минута водството на избраниците на Радослав Антл беше 22:18.
Во последниот период немаше поголема промена на резултатот. Сите акции на АЕК Атина за камбек во натпреварот завршуваа без успех. Екипата на Татран Прешов во последните десет минути влезе со предност од 24:18 и рутински до крај ја одработи задачата и во својот прв натпревар на Струшкиот турнир ја прослави првата победа.
Во текот на утрешниот ден, АЕК Атина ќе го одигра вториот натпревар на Струшкиот турнир каде за противник ќе го има составот на Струга, додека Татран Прешов на третиот ден од турнирот ќе се соочи со еден од фаворитите за освојување на титулата, Еурофарм Пелистер.