Од 16 до 20 август на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ ќе се одржи 50.издание на Струшкиот турнир.
Покрај домаќинот Струга, ќе играат уште четири македонски екипи – Вардар, Еурофарм Пелистер, Бутел Скопје и Алкалоид, како и три странски екипи – АЕК Атина, Татран Прешов и Целје.
Некогашниот ракометар на Струга и македонски репрезентативец, а сега директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски вели дека македонската јавност ќе може да гледа одлични натпревари.
„Многумина од нас ги направиле првите чекори на турнирот во Струга. Големо е задоволството и честа да се биде дел од организацијата на овој турнир, кој е од огромно значење и еден од најстарите во Европа. Се надевам дека овој турнир од следното лето ќе биде под покровителство на претседателот на дражвата, како и други спортски настани. Ќе се гледа одличен ракомет, сакаме фер и коректен турнир, ека победи најдобриот. Македонската јавност ќе може да гледа одлични натпревари. Ракометот уште го има епитетот спорт број 1 во нашата држава, а овој турнир да биде мотив плус за многу деца да почнат да тренираат ракомет“, вели Мојсовски.
Турнирот ќе трае од 16 до 20 август, а ќе стартува со натпреварот меѓу Струга и Еурофарм Пелистер од 17:00 часот.