Ракометарите на Тиквеш направија изненадување и прославија победа над составот на Металург со 30-26. Голманот на кавадарчани Александар Стојаноски имаше свое шоу и забележа дури 18 одбрани и 2 пенали против Хорват, Њокас, Петров…и беше најзаслужен за триумфот над тимот од Автокоманда.
Металурзи поведоа на стартот со 3-0 по седум минути игра преку новаците Мане, Њокас и Петров, но кавадарчани набрзина се вратија во игра и преку одличниот Јанчев израмнија на 5-5.
Одличен на голот беше и Александар Стојаноски, кој го држеше Тиквеш во егал дваесетина минути, пред Кондев да погоди за прво водство на кавадарчани, 9-10. Имаше Тиквеш и плус два, 10-12, но до паузата Хорват и Кофилоски израмнија.
Металург имаше плус два, 17-15, но избраниците на Ристо Магдинчев не се предаваа и израмнија на 17-17. Тимот од Автокоманда преку незапирливиот Хорват имаше 23-20, па 25-22, но Стефановиќ со два гола и Гичев израмнија повторно на 25-25 на осум минути до крајот.
Стојаноски блескаше на голот на Тиквеш и им даде шанса на соиграчите за водство, но Гичев погреши во додавањето. Металурзите не реализираа, па кавадарчани казнија преку пикерот Стефановиќ за 25-26.
Истиот играч му донесе и плус три на Тиквеш, 25-28 и веќе беше најавен изненадувачкиот триумф. Металург повторно не реализираше, но погрешија и кавадарчани, па Хорват намали на 26-28.
Гичев од безизлезна ситуација погоди за 26-29 и веќе немаше време за камбек на Металург, а Кондев со атрактивен гол зголеми на 26-30. Металурзи имаа пенал за да намалат, но Стојаноски одбрани. Тој беше играч на мечот со 18 одбрани, а најдобар стрелец беше Јанчев со седум гола, додека Стефановиќ даде шест. Кај Металург се истакна Хорват со девет погодоци.