Ракометарите на Бутел Скопје и Струга одиграа неизвесен натпревар во второто коло од групата 1 на 49. издание на Струшкиот турнир кој на крајот заврши без победник 23:23.
Почетокот на натпреварот помина во игра „гол за гол“, Бутел Скопје поведе со 2:1, но брзо возврати Струга и го оджруваше минималното водство до 5:4. До крајот на првото полувреме ниту една екипа не успеа да направи поголема предност.
Во продолжението Струга поведе со 14:12, но Бутел со два брзи гола веднаш се врати на нерешено. Сепак тоа беше за момент и Стружани одново имаа два позитива. Домаќинот на турнирот ја чуваше предноста до завршните десетина минути.
Тогаш Бутел Скопје успеа да израмни и да поведе за многу неизвесен финиш на натперварот. На десетина секунди пред крајот Бутел имаше седмерец кој го реализираше и поведе 23:22. Сепак остана доволно време за за ракометарите на Струга кои одиграа добра акција и погодија за реми.
Во последното трето коло Бутел Скопје ќе игра против Вардар, а на Струга и останува натпреварот за пласман.