Составот на Пролет дојде до очекувана победа против тимот на Струга со 23:15 во заостанатиот натпревар од Групата А во Супер машката лига.
Во две различни полувремиња составот на Пролет имаше доминација во второто кога беше и решен победникот на овој дуел така што немаше многу простор за поправање на работите за гостите.
Средбата имаше интересно прво полувреме во кое стружани успеваа да парираат. Во еден дел од првото полувреме дури Струга беше и во водство до 6:5 кога домашните го свртеа резултатот во своја корист и почнаа да го диктираат темпото.
Сепак, до крајот на првото полувреме стигнаа само до два гола позитива и на одмор заминаа со 12:10.
Она што беше пропуштено во првите 30 минути ракометарите на Пролет го надоместија во вториот дел. Откако во 34. минута резултатот беше 14:12 следуваа минути во кои гостите заборавија како да дојдат до голот на Пролет. Цели 18 минути бараа начин, а во тој период веќе имаа голема негатива.
Пролет си заработи водство од 22:12 и го реши победникот така што немаше ништо непредвидено и непознато беше само со која разлика ќе финишира овој дуел бидејќи беше јасно дека бодовите остануваат во Скопје.