Ракометарите на Струга продолжија со победничката серија во плеј-аут фазата во македонската елита и на свој терен лесно дојдоа до триумф над Скопје со 31:25.
За екипата на Струга победата против Скопје беше четврта по ред, откако во претходните три кола беа совладани Јуниор КВ, Радовиш и Вардар Неготино.
Скопје во Струга допатува со скратен состав, недостасуваа неколку клучни играчи и не можеше да ја повтори играта од првиот меѓусебен дуел кој го доби со 38:32.
Домашната екипа имаше фуриозен налет, поведе со 4:0 во воведниот дел, потоа со одличната одбрана и добрата реализација дојде до девет гола разлика, 10:1. Тренерот на Скопје, Горан Кузманоски мораше во 10-та минута да побара тајм-аут, со цел неговите избраници да излезат од кризата. По советите од клупата, гостите постигнаа три гола во низа и за момент намалија на 10:4.
Танески со своите избраници добро го анализирале ривалот, не оставаја ни најмал простор за напредок во играта на гостите и до крајот на првото полувреме имаа повеќе од потребното, односно голема резултатска предност. Одлични во нападот на Струга беа бековите Лазаревиќ, Цветаноски, Бугариновиќ, така што домашната екипа рутински ја одржуваше стекнатата предност од првите десет минути.
Струга пред финишот од првиот дел ги врати максималните девет гола разлика и поведе со 16:7. Скопје поради кратката клупа немаше дополнителни сили да направи нешто повеќе во дуелот со расположените домаќини, кои во последните две минути од првиот дел целосно го запреа ривалот и на полувреме заминаа со ,,плус десет” 18:8.
По одличното прво полувреме, стана јасно дека ќе дојде до мал пад во играта на Струга. Екипата на Скопје во продолжението со погодоците на Мишевски, Чакалиќ и Митиќ стопи дел од предноста на доманиот тим намалувајќи на 20:14 во 38-та минута.
Од тој период гостинот беше во негатива од пет до седум гола разлика. Домашниот тим лесно ја пробиваше одбраната и во финишот од дуелот влезе со предност од 26:20. Во последните десет минути Струга дојде и до девет гола разлика, но гостите дадоа максимум за да го ублажат поразот.
Најефикасни во Струга беа Урош Лазаревиќ со осум и Петар Бугариновиќ со седум погодоци, пет додаде Никола Цветаноски. Кај Скопје расположен беше Марио Мишевски со десет погоодци.