Екипата на Струга, која по шест одиграни натпревари во машката Супер лига има две победи и едно реми и седум освоени бодови утре ќе му гостува на двократниот европски шампион и актуелен шампион на Македонија, тимот на Вардар. Натпреварот меѓу Вардар и Струга е закажан за 16,30 часот во малата сала во СЦ „Јане Сандански“.
За ракометарите на Струга дуелот против „црвено-црните“ ќе претставува мотивација повеќе, со цел да ги покажат своите квалитети против актуелниот македонски шампион, но и да покажат дека знаат добро да се носат против поквалитетни екипи. Сезонава играат променливо, но на сите мечеви покажа квалитет и отпор до самиот крај. Сега, во Скопје патуваат со мисла дека „ништо не може да загубат – може само да добијат“. Да играат, мотивирано без притисок и да чекаат шанса.
Тренерот на Струга, Жарко Ферукоски истакна дека Вардар во утрешниот натпревар е фаворит, но на нив е да одиграат и доколку им се пружи шанса да ја искористат.
,,Се надевам дека ќе одиграме еден добар натпревар против актуелниот шампион на Македонија. Секако дека фаворитската улога е на страната на домаќините, но наше е да одиграме и да дадеме сѐ од себе за да се претставиме во добро светло. Во Скопје не одиме со бело знаме и секако дека доколку ни се пружи шанса за победа ќе ја искористиме. Иако Вардар играчки не е толку јак како што беше пред неколку години, сепак, имаат доволен број на искусни ракометари, кои што можат да го понесат товарот и да одиграат на максимум. За играчите на Струга, посебно за младите ракометари овој натпревар ќе биде дополнителен мотив за да ги покажат своите квалитети и секако дека овој дуел за нив ќе биде драгоцено искуство”, изјави Ферукоски.
Дуелот против Вардар за Струга ќе биде вистински тест пред важните натпревари против Куманово, Вардар Неготино, Бутел Скопје… Стружани сакаат да ги задржат шансите за пласман во плеј-оф фазата и најавуваат играње на максимум на следните натпревари. Имаат шанси да го „фатат возот“ и да бидат меѓу првите четири во групата кои ќе продолжат во плејофот.
,,Во претходното коло на наши грешки загубивме од Охрид во езерското дерби. Сѐ уште остануваме во игра за плеј-оф фазата, но на претстојните натпревари кои што следуваат по дуелот со Вардар треба да одиграме на висина на задачата и да победиме. Следуваат дуелите со Куманово и Вардар Неготино, потоа играме со Бутел, па следува гостувањето во Прилеп, ќе биде тешко, но сметам дека имаме квалитет за пласман во плеј-оф фазата”, заврши Ферукоски.