Ракометарите на Прилеп во рамките од 7. коло од Супер лигата ја забележаа третата победа откако на свој терен беа подобри од Струга со 25:22.
Првите 20. минути од натпреварот поминаа во изедначена борба, со цврста одбрана, но и неколку промашени удари на двете страни. Рустамов, Шокоски и Тренчевски беа стрелците на прилепската екипа за нивно водство од 3:2.
Екипата на Наум Танески преку новиот член во струшката екипа, Барјактаревиќ, дојде до првото водство од 5:4. Ракометарите на Струга со долги напади доаѓаа до сигурна реализација, а веќе во 15. минута имаа два гола предност, 7:5. Искусното десно крило на Прилеп, Чантурија за момент го намали водството на гостите на 6:7. Следуваа две последнователни грешки на домаќините и гостите, но тоа не се одрази на самиот резултат бидејќи Струга имаше само еден гол предност, 8:7.
На десет минути пред крајот на првиот дел, Шокоски со својот втор гол го изедначи резултатот на 8:8. Серијата на домаќините продолжи во следните минути, па така, Андоновски ја врати својата екипа повторно во мала предност, 9:8. Избраниците на Горан Кузманоски целосно го скршија отпорот на противникот, направија серија од 4:0 и стигнаа до 14:9 на полувреме.
Прилепчани во второто полувреме зголемија на плус седум разлика, 17:10. Тоа беше јасен патоказ дека победникот на овој дуел ќе биде домашната екипа. Стружани со головите на Кастратовиќ и Јанковски намалија на 12:18, но не можеа ништо повеќе против подобрата екипа на Прилеп.
Во периодот од 40. минута, па до самиот крај, Прилеп рутински имаше контрола на самиот резултат, не дозволи изненадување и продолжи да се надева на подобар пласман во најквалитетната машка лига во Македонија. Конечниот епилог од денешната средба беше плус три разлика за екипата на Прилеп и конечни 25:22 за нови три бода.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА