Стојаноски и Џигероски го водеа Голден Арт 2 до нова победа во дебитанската сезона

Дебитантот во новата натпреварувачка сезона во Првата лига, екипата на Голден Арт 2 ја забележа втората победа, откако во натпревар од 3. коло го совлада незгодниот состав на Аеродром, со резултат 36:33 (16:14), во натпревар од групата Б.

Ракометарите на Голден Арт имаа посакуван старт, со добра одбрана и мирен напад во првите десетина минути целосно доминираа на теренот создавајќи убедлива предност, која кон средината на првото полувреме изнесуваше шест гола разлика, 8:2. Избраниците на Дарко Петровски во последниот период од првиот дел заиграа поангажирано и успеаја да го направат натпреварот понеизвесен. Во редовите на гостинот дојде до криза, домаќините врзаа неколку брзи гола и во 20 минута од дуелот резултатот беше 11:8 во корист за дебитантот во прволигашкото друштво.

На многу наврати во последните десет минути од првиот дел гостинскиот тим не успеа да го скрши отпорот на Аеродром, кој влезе во добар ритам и по лошата игра во воведниот дел, успеа да со консолидира и да остане во борба за освојување на бодовите. Избраниците на Глигоров константно беа во водство, но никако не можеа да се одлепат на сериозна предност. При водство на Голден Арт од 14:10, домаќините пред финишот на првото полувреме намалија на 14:12, додека на пауза резултатот гласеше 16:14 во корист за гостинската екипа.

Митревски со својот трет гол на стартот на второто полувреме намали на 16:15, но домашната екипа во желбата да дојде до пресврт, секогаш правеше грешки и му овозможуваше на гостинот да ја одржи минималната резултатска предност. Составот на Глигоров во 40 минута имаше активен резултат од 24:20 и во тој момент беше јасно дека домаќините ќе треба да дадат повеќе од максимумот за да дојдат до поволен резултат.

По водството на гостинот од 25:22, Аеродром со два гола во низа намали на само еден гол негатива, 25:24. Следуваше период каде и двете екипи постигнаа по неколку брзи гола и при водство на Голден Арт од 27:26, домаќинот со голот на Пајкоски конечно го израмни резултатот на 27:27, а нерешено беше и на десет минути пред крајот, 29:29.

Голден Арт за момент успеа да се одлепи на 31:29 и домаќините повторно дојдоа до израмнување на резултатот, 31:31. Откако беше 32:32, гостинската екипа со двата гола на Џигероски дојде до плус два, 34:32 и го водеше натпреварот до конечен триумф со резултат 36:33.

Одлична партија во победничката екипа имаше Петар Стојаноски со десет погодоци, додека втор стрелец беше Немања Џигероски со седум гола. Кај Аеродром се истакнаа Иван Митревски со седум и Филип Пајкоски со шест гола.